Секогаш постои граница до која мерка одреден часовник е отпорен на притисок во вода. Што точно подразбира водоотпорност на часовник?
Водоотпорност е поим кој означува дека часовникот нема да пропушти вода под било какви услови односно дека ниту во куќиштето, ниту во механизмот нема да навлезе влага. Но, во одредени услови скоро секој часовник може да пропушти вода. Затоа, во индустријата за часовници, поимот водоотпорност има малку поинакво значење односно означува способност на часовникот да поднесе притисок во вода.
Часовниците кои носат ознака „водоотпорни“ всушност се отпорни единствено на влага. Ваквите часовници нема да се оштетат доколку на нив поминат неколку капки вода додека ги миете рацете или доколку се накапат со вода при дожд.
Но, тоа што на часовникот пишува дека е водоотпорен, не значи дека со него може да пливате или да се туширате.
Водата е всушност еден од најголемите непријатели на часовниците. Ако пливате или се занимавате со воден спорт, би требало секоја година да го носите часовникот кај овластен сервисер кој ќе ја тестира водоотпорноста. Можеби надворешноста на куќиштето изгледа голема и цврста, но механизмот на часовниците е секогаш мал и чувствителен.
Да бидеме искрени, единствената „заштита“ која стои меѓу вашиот часовник и водата е еден мал капак. Водата многу лесно може да го најде својот пат до механизмот дури и низ најмалите простори невидливи со голо око.
Доколку на вашиот часовник пишува дека е водоотпорен до 100 метри, претпоставувате дека е во ред да го носите доколку нуркате во базен. За жал, тоа не е целосно точно. Нурнувањето во вода создава нагла промена на притисокот. Иако трае само неколку секунди, нурнувањето може да предизвика голем шок кај часовникот, особено кај оние часовници кои не се наменети за нуркање.
Водоотпорноста е всушност притисок, а во моментот кога ќе нурнете во вода нагло се менува притисокот и тој некогаш може да биде поголем од дозволеното. Нурнување неколкупати во вода може да создаде притисок кој часовникот нема да може да го издржи бидејќи водата ќе притиска на часовникот повеќе од дозволеното. Во тие моменти притисокот е толку силен, што водата најверојатно ќе навлезе и во часовникот.
Кај повеќето часовници треба да се избегнува нагло изложување на притисок, нурнување, скокање или пливање. Значи, иако на часовникот пишува дека е водоотпорен до 100 метри, тоа во реалноста се однесува на водоотпорност при постепено влегување во вода.
Постојат часовници кои се наменети специјално за нуркање. Ваквите часовници се специјално дизајнирани за екстремни услови, па со нив може да нуркате и до длабочина од 200 метри. Кај ваквите часовници има минимален број на отвори низ кои може да навлезе вода, за разлика од часовниците со покомплицирани механизми.
Часовниците за нуркање имаат само една цврсто завртена круница, многу цврсто куќиште и се беспрекорно запечатени. Доколку планирате често да пливате или нуркате со вашиот часовник, најдобро е да одберете од часовниците кои се специјално направени за такви услови. Во секој случај, пред да го направите својот избор најдобро е да се консултирате со овластен сервисер.